
Само 85 активни случаи во истокот, Пехчево без ковид – случаи и 262 новозаразени на територија на цела држава, но според министерот Сали вирусот сѐ уште постои. Последниот ковид – извештај од Министерството за здравство покажува само 14 новозаразени во источниот регион, од вкупниот број 262 позитивни, 39 се реинфекции, а оздравени се 326 лица и починало едно. Сепак, според министерот за здравство, Беким Сали, не може за недела дена да се прогласи ослободување од сите мерки и да се опуштиме, бидејќи во секој момент вирусот може да се развие, иако сега бројот оди во надолна линија.
„Уште од самиот почеток кога ја примав оваа функција, секој ден посакува да биде ден кога ќе кажеме од денес нема рестриктивни мерки. Значи, тоа е желбата, но реалноста не ни го вели тоа. Доколку ние секој ден имаме по 300 новозаразени, тоа значи дека вирусот сѐ уште постои, ја чека најмалата можност да се развива. Потоа знаете, при почеток на развивање ни одзема недела до две да може да стопираме нешто. За жал сѐ уште сме на тие мерки и гледате дека при секоја седница на Комисијата за заразни болести ние нешто олеснуваме. Меѓутоа, не може сѐ одеднаш да олесниме.
Од одѕивот за вакцинација не може да се каже дека сме задоволни, вели Сали. Очекувањата се да се зголеми процентот на нововакцинирани, а тоа што не е завршен караванот не дозволува сѐ уште да се каже дали се зголемил интересот и за колку, меѓутоа се прогнозира дека истиот не е многу зголемен.
Досега во земјата се направени вкупно 1.962.489 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 305.979, бројот на оздравени пациенти е 294.988, на починати е 9.221, а бројот на активни случаи изнесува 1.770.
Ребека Спасова М-Нет