Со свечена церемонија одбележани четири години од постоењето на Извидничкиот одред од Штип

Извидничкиот одред „Еквинокс“ со свечена церемонија ја одбележа четиригодишнината од своето постоење. Зад себе извидниците оставија низа работилници, кампови и настани, со амбиција и стремеж во иднина да придонесат уште повеќе за младите и извидништвото да земе што поголем замав.

„Благодарност до сите кои се инволвирани во постоењето на Извидничкиот одред и кои досега на каков било начин имаат придонесено. Навистина сме среќни што досега имаме над 1000 работилници со млади и луѓе од 7 до 77 години. Се надеваме на уште поголем број акции и успешни приказни“, рече Дарко Тошиќ, старешина на Извидничкиот одред.

На одбележувањето присуствуваше и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој истакна дека активирањето на младите е од особено значење за функционирањето и политиките на Локалната самоуправа, а придонесува и за нови проекти атрактивни за младите во Штип.

„Навистина ми е драго што овие млади ентузијасти се вака организирани. Извидничкиот одред е позитивен пример за анимација на млади. Ние како Општина Штип сме заинтересирани за продлабочување на соработката имајќи предвид дека досега неколкупати сме дискутирале на теми за младите, гледаме да ја насочиме енергијата којашто ја носат младите. Еден од проектите којшто го планираме е токму идеја на Извидничкиот одред, а тоа е авантуристичко – адреналинскиот парк којшто заедно со нив ќе го реализираме оваа година“, истакна Јорданов.

Извидничкиот одред брои 94 члена, а на денешната церемонија околу 40 извидници имаа можност да дадат свечен завет со кој станаа дел од одредот.

Ребека Спасова М-Нет