
Свечено отворена „Галерија ’22“ при НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип. Некогашното фоаје на Домот на културата сега е во ново руво, реновирано и модернизирано. За денешното отворање подготвена е целодневна програма, а директорот Горан Трајков истакна дека галеријата ќе им служи на сите уметници за организирање на своите настани.
„Галеријата е реконструирана од сопствени средства на Центарот за култура. Она што ме радува е дека при реконструкцијата се искористени сите вредности и капацитети од човечкиот потенцијал коишто ги имаме на располагање. Сето тоа го ставивме на едно место и тука може да се види колку знаење е акумулирано преку кадарот кој е вработен во Центарот за култура. Она што е важно при отворањето е дека денеска по 40 години се реконструира. Зошто е важно тоа? Затоа што далечната 1982 година е именуван и Центарот за култура по името Ацо Шопов. Затоа оваа година ќе биде година на промени, ќе го обновиме сјајот“, истакна Трајков.
Прв настан беше изложбата на ликовната уметница Валентина Илиевска од Куманово, која првпат има своја изложба во Штип, но истата се изложува по десетти пат во повеќе градови низ државата. Станува збор за циклус со кој таа одамна се претставува, а кој содржи трансформација на квадратот, провлечен низ цртежи, графики, слики и различни тематики.
„Самиот мотив е синиот квадрат или сината коцка, зависно во кои медиуми и во кои дела таа се претставува. Таа е симбол на човечноста. Ја обработувам уште од факултетските денови, бидејќи колку што може да видиме, современиот човек ги има заборавено оние егзистенцијални пориви и самите вредности коишто ги имаме, па затоа ова е еден симболичен порив за враќање на природата, на човештвото и кон самата наша интуитивност. Така би се одржал развојот на човештвото и самиот развој што ќе може да го издигнеме на пиедестал, како и културата и уметноста“, истакна Илиевска.
Освен изложбата, дел од дневната програма беше и промоција на наградената поема „Цветко“ на Трајче Кацаров, изложба на носии, како и промоција на списанието за уметност на националната установа. Дел од вечерната програма, пак, е изложбата на жени уметници од три града во Истокот, Штип, Кочани и Виница, а за најмладите следува и забава во вечерните часови.
Ребека Спасова М-Нет