
Денеска во просториите на Мултимедијалниот центар во Кочани се одржа третата седница на Советот за развој на Источно планскиот регион. На седницата на дневен ред беа ставени шест точки, од кои првата беше за предлог – одлука за верификација на мадат на член на Советот за развој на ИПР, претставник од здруженијата. Јасминка како претставник од здруженијата истакна дека честа е огромна бидејќи имаат можност да дадат конструктивни насоки и предлози, со цел поефикасно спроведување на развојните политики. Претседателот на ИПР, а воедно и градоначалник на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека најзначајно е спроведување на форуми на кои ќе се разгледуваат проектите кои се од регионално значење.
„На оваа седница на ИПР најзначајна информација која треба да се проследи е дека ќе започнеме процес на спроведување на формуи на кои ќе се разгледуваат проектите кои се од регионално значење за целиот регион и за сите општини во Источно планскиот регион. Постојат две програми на кои ние како општини ќе аплицираме преку соодветни проекти. Тоа се две програми кои се во износ од 300 илјади евра и другата нешто помалку од 50 милиони денари. Јас дсе надевам дека општините ќе успеат на овие форуми кои во наредниот период ќе се презентираат проектите, да предвидат соодветни проекти коишто ќе можат да бидат искористени“ – кажа Јорданов.
На претходната седница на ИПР се донесуваше одлука за меѓуопштински совет за управување со отпадот, а на првата седница се формираше и економски совет. Целта на одлуките донесени на Седници на ИПР е решавање на проблемите во Општините од Истокот во државата.
Лаура Стојанова М-Нет