Осмомартовска изложба „Жената – вечна инспирација“ од уметникот Зоран Митревски

Осмомартовска ликовна изложба со наслов „Жената – вечна инспирација“ во штипската библиотека. Ликовниот уметник, штипјанецот Зоран Митревски, преку својата прва изложба ја искажа љубовта кон сликарството и се одлучи да ја посвети на жената како вечна инспирација. Според Митревски, основната порака е дека сликарството треба да се види почувствува и доживее.

„Мотив немам, во принцип не сум сликар што почитува правец или техника во сликарството, туку сликата прво ја гледам во мислите, па потоа ја ставам на платно. Немам одредени техники, правци, ја имам слободата да ги правам сликите како ги замислувам. Има изложено 38 слики, поделени се по тематика: вода, апстрактна реалност, хиперреализам, лендскејп“, вели Митревски.

Ликовната изложба беше пропратена со читање поезија, односно со литературата, како сродна уметност на сликањето. За жената, по повод Осми март со зборови сликаа ученици од едно основно и едно средно училиште во Штип.

„На настанот учествуваат ученици од ООУ „Гоце Делчев“ и СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ кои ќе читаат поезија. Овој настан го посветуваме по повод утрешниот Меѓународен ден на жената“, додаде директорот на Библиотеката, Тодор Џидров.

Промотор на изложбата беше м-р Гоце Ристовски, доцент на Факултетот за театарски уметности при Универзитетот за аудио-визуелни уметности – ЕСРА.

Ребека Спасова М-Нет