Излезе од печат монографската публикација „Препрочит“ од Милена Ристова – Михајловска

Светлоста на денот ја виде книгата „Препрочит“ од Милена Ристова – Михајловска. Истата е уште една во низата книжевни богатства на авторката кои се излезени од печат, но сепак е поразлична. Содржински е сублимат на креативни критички примеси од Ристова – Михајловска и богатата ризница книжевни дела на повеќе автори.

„Монографската публикација „Препрочит“ содржи критики, толкувања и расчитувања за делата на поети и писатели од различните генерации и тоа – од етаблирани и афирмирани до оние, кои штотуку зачекоруваат на книжевната сцена. Делото е препрочит низ херменевтичко-метафорички очи на творештвото од автори, кои ми ги имаат доверено своите книжевни парчиња за интерпретација, или ми биле и ми се предмет на интерес нешто повеќе од една деценија“, истакнува Ристова – Михајловска.

Публикацијата се состои од интерпретација на текстови од современата македонска литература, книжевни осврти, критики и рецензии на околу 50 македонски книжевни пера. За ваква публикација авторката се одлучила имајќи ги предвид многуте досегашни критики кои ги пишувала и на кои посветила особено внимание. Оттука се родила истата како ризница нејзини книжевни критики. Рецензент на монографската публикација е д-р Наташа Лазарева, која пишува за пристапот кон книжевните дела.

„Истражувајќи ја средновековната македонска книжевност, д-р Ристова – Михајловска го надополнува својот светоглед во дијапазонот на книжевноста преку инвентивни и креативни пристапи кон литературното дело.“ – пишува Лазарева

Како што вели авторката, ова е уште едно нејзино книжевно остварување, уште едно парче душа оставено на хартија, зашто нејзе литературата ѝ е живот.

„„Препрочит“ излезе од печат баш кога јас сум во изолација. Така кореспондираме јас и литературата. Таа е секаде каде што не сум јас, јас сум секаде каде што е таа“, додава авторката.

Милена Ристова – Михајловска е добитник на наградата „Бели мугри“ за поетскиот ракопис „Запирка“. Автор е на повеќе поетски збирки и автор и рецензент на стотина стручни, научни и уметнички трудови.

Печатењето на книгата „Препрочит“ е поддржано од Министерството за култура.

Ребека Спасова МНет