
Неколкумина вработени во ЈП „Исар“ веќе не се на работа. Ова се должи на фактот дека договорот на дело им изминал и истиот не им бил продолжен од страна на надлежните. Пред сѐ станува збор за административни работници, истакна в.д. директорот, Трајче Здравков, бидејќи претпријатието е во лоша финансиска состојба.
„Со моето доаѓање како директор во ЈП „Исар“ затекнав ситуација со 60 вработени преку агенција за привремено вработување и десет вработени на договор на дело. Да ве исправам, работниците не се отпуштени, туку со раководителите направивме евалуација и од 60 ангажирани преку агенција за привремени вработувања на пет административни работници кога им заврши договорот, проценивме дека истиот нема да им се продолжи. Што се однесува до тие десетина лица на договор на дело, завршен им е договорот, додека дел од нив кои што се општи работници се префрлени преку агенција за привремени вработувања за да имаат социјално и здравствено осигурување. Значи, претпријатието е во многу тешка економска ситуација и во иднина ние ќе се обидеме максимално да ги услужуваме граѓаните со тоа што ќе се фокусираме нашите работиници коишто се ангажирани привремено да бидат претежно општи работници, водоводџии и исфрлачи на смет“, истакна Здравков.
В.д. директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, во гостувањето во нашата емисија „Зум анализа“ посочи дека сегашниот кадар во ова претпријатие не е доволен и дека ќе се тежнее кон вработување нови лица. Од овде се поставува прашањето зошто договорите на дело на сегашните вработени не се продолжени, кога вработени недостасуваат.
„Јас како правник сум против договор на дело. Дел од тие коишто беа општи работници, исфрлачи на смет и водоводџии, ги префрливме преку агенција за привремени вработувања, а на тие што беа административни работници договорот им заврши и не им се продолжи. Зошто сум против? Бидејќи договор на дело како категорија е дискутабилна и не би сакал да склучувам договори на дело за работни места коишто се предвидени во систематизацијата во ЈП „Исар““, додаде директорот.
Здравков истакна дека во моментов напорите се финансиската состојба во претпријатието да се доведе во нормала. Тоа значи дека сега оглас за вработување нов кадар на неопределено време нема да има, а веќе вработените повеќе ќе се насочуваат кон одржување на чистотата во градот.
Лаура Стојанова МНет