
Со чистење на паркот започна утринава еколошката акција во населбата Баби. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, и директорите на јавните претпријатија, Трајче Здравков и Игор Ефтимов, направија увид на активностите. Се чистеше смет, се исфрлаше шут и се поправаа детските и спортски реквизити.
„Овој викенд сме во населба Баби за да направиме увид на моменталната состојба. Како што може да забележите, денеска заедно со јавните претпријатија вршиме обнова на детските реквизити, на спортските игралишта, но исто така и чистење на дивите депонии, уредување на улиците. Она коешто можам да го забележам е дека овој простор на веќе постоечкиот парк има потреба од преуредување и во таа насока сакам да ја известам јавноста дека работиме на проект за дополнително уредување на паркот во населба Баби и сето она коешто значи инфраструктурно подобрување“, истакна Јорданов.
Беше исчистена и една поголема дива депонија на патот кон филтер станицата, а предвидено е во текот на денот да се уредат и исчистат повеќе површини низ населбата. Јорданов напомена дека еколошката акција во населбата Три чешми, која се одвиваше минатата сабота, како и оваа во населбата Баби се само почеток на понатамошните викенд – акции кои ќе се реализираат.
„Секој викенд ќе ги обиколуваме, ќе ги уредуваме населбите во Штип сѐ со цел да создадеме подобра инфраструктура и поубав град“, напомена Јорданов.
Како и преходно беше споменато, со завршувањето на градежната сезона започна и реконструкцијата на детските и спортски игралишта.
Ребека Спасова МНет