Кучињата скитници – проблем и за слепите лица, граѓаните со порака – решение мора да има

Сликата од кучиња скитници по улиците во Штип е секојдневна. Рано наутро може да се забележат и по десетина кучиња на едно место што претставува вистинска опасност и за пешаците и за возачите. Истовремено, кучињата се оставени сами на себе да се снаоѓаат, да се хранат и да преживеат. Кучињата скитници се еден од поголемите проблеми и за слепите лица во Штип. Имено, откако претходно многумина покажаа незадоволството од истите, сега и слепите лица се пожалија на опасноста која ги демне. Тие велат дека без придружник не се може, а и со него честопати за малку избегнувале немила ситуација.

„Кучињата скитници многу сметаат исто многу сметаат. Неколкупати ми се има случено со придружник кога имам одено за влакно избегнавме да не бидам нападната од тие кучиња – скитници. Тоа е голем проблем којшто треба да се реши. Исто така, секој кој сака дома да чува куче треба кога ќе излезе да се шета, да си носи ќесичка за измет. Во другите земји јас мислам дека тоа е обезбедено и казни има за тоа“, вели Ливанта Давкова, член на Здружение на слепи лица – Штип.

Во Штип неколкупати се заловуваа кучиња скитници по реакциите од граѓани, меѓутоа проблемот сè уште не е решен целосно, а редовно има и граѓани кои во полициските станици пријавуваат дека биле каснати од куче.

„Ги има доста тука. Меѓутоа, некој треба да ги острани, не знам кој, можеби, надлежните. Тие што ги пуштаат треба да имаат одговорност, не е работа да порасне кучето и потоа да го фрлат. Ако го земеш, треба да го гледаш. Скоро имаше едно девојче, одеше по патот и ја касна куче“, вели граѓанин на Штип.

Во последниот случај ова претставуваше опасност и за возачите кои поминуваа на т.н. влашки мост во Штип, каде поголема група кучиња беа на улицата и не можеше да се помине.

„Може да излезе и пред автомобил, а и пешак може да настрада, значи може. Треба тоа да се регулира“, додава штипјанец.

Граѓаните можат да побараат оштета доколку се каснати од куче – скитник, меѓутоа дел од нив  велат дека тоа не е решение на проблемот. Во период на смена на локалната самоуправа се поставува прашањето колку новиот градоначалник во Штип ќе биде ажурен во решавањето на овој проблем.

Ребека Спасова МНет