Нова странска инвестиција во Штип најави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, на редовната месечна анализа која беше презентирана денес. Тој потенцираше дека растот во технолошко – индустриските развојни зони продолжува, а странските инвестиции даваат резултати. Од таа причина, тој додаде дека продолжуваат со уште три нови инвестиции, од кои едната во Штип.
„Сметавме дека е добро да направиме еден пресек за работното лето и да ја информираме јавноста за три нови странски инвестиции за коишто Дирекцијата, односно Владата веќе ги има успешно затворено разговорите со инвеститорите, кои веќе не се потенцијални инвеститори. Значи, вкупен обем на инвестиции од 54 милиони евра, планиран број на работни места е 680, проектирани вкупни приходи на компаниите, коишто би ги оствариле во наредниот десетгодишен период е близу 1 милијарда евра, околу 950 милони евра. Она што е важно е нов квалитет во нашиот пристап кон инвестициите. Тоа е правење проценка на повратокот којшто ќе го има државата од самите инвестиции, односно бенефитот, секако, покрај вработувањето и платите. Значи, проектираните обврски на овие компании во наредниот десетгодишен период, како уплати во буџетот се позиционирани на некаде околу 55 милиони евра. Значи, станува збор за инвестиции во Штип, Скопје и Кичево. За овие инвестиции разговорите се веќе завршени и договорите се испратени во соодветните институции. Секако, кога ќе добиеме согласност од страна на Владата и институциите, ќе организираме настан со потпишување и презентација на инвестициите со сите потребни елементи“, истакна Деспотовски.
Месечниот извештај за август покажувал највисоко ниво на извоз во првите осум месеци споредбено со истиот период во изминатите четири години, како и рекордна увозна активност оваа година. Според анализата голем дел од увозот се должи на набавка на машини, опрема и нови технологии поради зголемените инвестициски активности во зоните што се одразува и на нето извозот, односно речиси изедначена покриеност на увозот и извозот во зоните.
„Економската активност во месец август, во делот на извозот, значи, за период јануари – август 2021, во однос на истиот период минатата година е зголемена за скоро 51%. Вкупното ниво на извоз веќе достигнува над 2 милијади и 40 милиони евра за овој период. А она што е важно, бидејќи минатата година беше пандемиска година, споредено со истиот период во 2019 година имаме повторно пораст од 11%. За истиот период, јануари – август 2021, во однос на периодот на јануари – август 2018 година, вкупниот извоз е поголем за скоро 32%. Овие бројки јасно укажуваат дека економијата во рамки на технолошко – индустриските развојни зони, не само што ги надмина последиците од пандемијата, туку веќе влегуваме стабилно во зоната на пораст“, додаде Деспотовски.
Деспотовски очекува дека до крајот на годината ќе се достигне или надмине бројката од 3 милиони евра. Сепак, најави дека ќе се следат месечните анализи кои се воведени како за информирање на јавноста, така и за следење на состојбата.
Директорот најави и интензивирање на соработката со сите Универзитети со цел повеќе можности за пракса на студентите, за што веќе потпишаа меморандум со штипскиот универзитет.
Ребека Спасова МНет
