Судниците се подготвуваат за онлајн работа, а судии и обвинители нема

Додека судскиот систем се подготвува за дигитализација со онлајн – судења, недостигаат судии и обвинители на територија на цела држава. За да се имплементира едното, а промени другото, ќе се чека до наредната година, истакна денес Министерот за правда, Бојан Маричиќ. Тој посочи дека онлајн – судењата се од особено значење за транспарентноста пред јавноста, а пред сè целта за е да се спречат бесконечните одлагања на судењата, особено во ситуацијава со пандемијата. За реализација биле потребни и законски измени на кои работеле, а со ова ќе бидат опфатени и Основниот и Апелациониот суд во Штип.

„Ние направивме план за дигитализација за којшто ќе овозможиме околу 200 судници низ државата да бидат опремени со соодветна опрема, којашто е донација од повеќе странски субјекти, дел е од Американската амбасада, дел е од Комисијата на ОБСЕ, во друг дел работиме со Норвешка амбасада и со Европска Унија. Така што тој потфат треба да овозможи да има насекаде низ државата доволна опременост и подготвеност на кадарот да спроведе онлајн судење таму каде што ќе биде потребно. Исто така и јавноста да може да ги следи судењата без да мора физички да биде присутна“, истакна Маричиќ.

За нови судии и обвинители, пак, ќе мора да се почека следната генерација, чија академска година ќе заврши наредната есен. Станува збор за кадар од 60 потенцијални судии и обвинители, кои почнале да ја слушаат програмата минатиот септември и ќе ја завршат истата во наредната 2022 година.

„Во нашиот систем денес има само еден начин на избор на судии и обвинители, а тоа е од оние коишто завршиле Академија за судии и јавни обвинители. Зборувам за првостепените судови. Инаку, за второстепените по Законот за судови можат и во повисоките судови да се избираат од постоечките судии. Така што за апелационите подрачја има во моментов оглас којшто заврши и за којшто има голем број пријавени кандидати за Апелациониот суд во Скопје и за Врховниот суд. Меѓутоа, во однос на другите судови, Основните судови, пред сè мора да се чека новата генерација на академци“, додаде Министерот.

Како што рече Маричиќ, до тогаш нема начин и можност да се изберат нови судии, а работата ќе мора да се реорганизира во договор со Судскиот совет и Апелационите подрачја. Во критичните градови како Виница и Крива Паланка, со еден или ниеден судија, ќе се делегираат судии од градови со поголем капацитет.

Ребека Спасова МНет