Свидетелствата се доставени до училиштата, на учениците ќе се доделат до септември

Доставени се свидетелствата до училиштата, информираше денес Министерката за образование и наука, Мила Царовска. Се очекува истите да бидат доделени најдоцна до почетокот на претстојната учебна година.

„Тие си се тековно спроведени до училиштата. Кога ќе си организираат училиштата, ќе ги добијат. Мислам дека или на крајот, на 31 август или, можеби, на први септември кога ќе дојдат децата. Важно, од Бирото за развој на образование свидетелствата се доставени до училиштата и тие, веројатно, веќе се организираат за спроведување на таа акција“, рече Царовска.

Претходно од Бирото за развој на образованието беше посочено дека поради пандемијата и неможноста да се организира доделување на свидетелствата, истите ќе бидат доделени најдоцна до септември месец, кога и законски завршува учебната година.

Во меѓувреме, пак, од Синдикатот за образование и наука, имаа изјавено дека според нивни извори станува збор за несоодветна процедура при тендерската постапка за свидетелствата.

Бирото и Министерството, само си ја префрлаа топката, па сега причините за доцнењето на свидетелствата остануваат непознати. Сепак, сега се согласни дека нивниот дел е завршен, а останатото останува на училиштата.

Ребека Спасова МНет