
Започна теренската вакцинација и во општините од Истокот. Во Општина Штип теренската вакцинација започна во населбата „Три чешми“, а потоа продолжија во неколку други села.
Во Кочани теренската вакцина започна во Облешево, каде денеска до 11 часот имаше вакцинирано околу 20 граѓани.
„Започна теренската вакцина во Облешево. Таму денеска се вакцинираа дваесетина граѓани. Утре продолжуваме во Чешиново. Во наредните десетина дена ќе има поставено 27 пунктови на кои ќе се спроведе теренската вакцинација во кочанско. Се вакцинира со кинески синовак“ – истакна директорот на кочанската болница, Александар Серафимов.
Во Делчево теренската вакцинација започна во село Тработивиште, а за утре е закажано во здравствениот дом во село Разловци.
Екипи од Здравствениот дом во Пробиштип започнаа со вакцинација во село Турско Рудари.
Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил истакна дека голема е заинтересираноста за вакцинација без закажан термин во државата.
Во меѓувреме продолжува и ревакцинацијата во спортските сали во повеќе градови во државата, воедно и во салата Јордан Мијалков во Штип, а за прва доза вакцина без закажан термин се вакцинира и во Здравствениот дом Панче Караѓозов во Штип.
Лаура Стојанова М-Нет