
По четири годишна верна и врвна игра за тимот на Кит Го Пехчево, Мартин Димоски од денес ќе ја промени фудбалската средина. Во комбинација со Дарко Алексовски тие добија понуда од доскорешниот тренер а сега Директорот на Силекс, Стевица Ристиќ и новиот тренер Горазд Михајлов да дојдат во овој клуб кој испадна од Првата лига, но сака експресно да се врати во неа.

На Силекс како победник на Купот на Македонија, му престои и европски излет и затоа се бараат нови играчи во замена за многумина „легионари“ кои веќе си отидоа. Во денешниот разговор, Мартин Димоски рече дека договорот треба да биде на една плус една година како што тоа и досега било пракса во Силекс. Мартин Димоски е познато фудбалско име и со интернационално искуство, изразит левак и според многумина фудбалски стручњаци „страшен и убојит“во навалниот ред. Самиот Мартин ни открива една тајна дека од тренерот Драган Христовски бил прекомандуван на позицијата лев бек и оттогаш игра во одбраната.
- „ За Кит Го секогаш ќе имам добро мислење, со четири убави минати години зачинети со најголемиот успех на клубот освојувањето на третото место во Втората Македонска фудбалска лига – Исток. Нормално посакувам во ист стил и победнички да продолжат понатаму и се најдобро во иднина на ФК Кит Го Пехчево“ – истакна на крајот Мартин Димоски. Спортската редакција на Мнет ТВ им посакува и на Мартин Димоски и на Дарко Алексовски понатамошна успешна и бериќетна кариера и забележителни настапи за Силекс во европските купови.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk