62 компании не ја подмириле обврската за исплата на К-15 на работниците

46 компании воопшто не исплатиле, а 16 само делумно на работниците исплатиле К-15. Претставки за дури 62 фирми кои делумно или целосно не исплатиле регрес за годишен одмор пристигнале до „Гласен текстилец“. Според претседателката, Кристина Ампева, претставките се испратени до Инспекторатот за труд, а станува збор за фирми од текстилната и кожарската индустрија, како и приватни здравствени установи, авто школи, продавници, казина и слично.

„Од она што го имаме во нашата дата база, пријавено е за 62 фирми од државата. Најмногу се од Скопје, Штип, Битола, Прилеп и од градовите од Источниот регион. Фирмите се претежно од тексилната и чевларската индустрија, но има и претпријатија за одржување на хигиена и чистење, приватни здравствени установи, карго превозни услуги и достава, угостителски дејности, производство на пластика, понатаму авто школи, продавници за облека и чевли, компанија за производство на земјоделска механизација, казина и слично. Регресот за годишен одмор знаеме дека изнесува 11.400 денари“, истакна Ампева.

Според Ампева, причината за ваквите бројки е грешка на Сојузот на синдикати, како и тоа што ако компаниите приложат економски загуби, може да се извлечат и со давање само 100 денари како регрес за годишен одмор на своите работници. Проблемот е и во Законот за прекршоци, според кој се праќаат ниски глоби, а по плаќањето на истите ништо не се менува. Решението, според неа, е во новиот Закон за работни односи, но и компаниите треба да добиваат кривични пријави.

„Имаме конкретно за една фирма и сакаме тоа да премине во пракса. Баравме информации од јавен карактер за тоа дали фирмата од 2018. била казнувана според Закон за минимална плата и не ги исплаќале платите и придонесите од плата ни во минималниот износ кој треба да се исплати. Поднесовме барање до Државниот инспекторат за труд за тие да поднесат кривична пријава“, додава Ампева.

Како што вели Ампева, потребно е Инспекторатот почесто да поднесува кривични пријави, бидејќи така компаниите ќе може да одлучат дали сакаат да бидат под финанскиска истрага, под истрага на УЈП или ЈО или, пак, ќе ги подмируваат потребните обврски кон работниците. Ампева очекува соработка со новите министри за да се одлучи што ќе се прави со штетните закони со кои компаниите успеваат да се извлечат.

Ребека Спасова М-Нет