
Ист телефонски број за градски паркинг, но различни зони во Штип и Скопје. Ова се јавува како проблем за граѓаните кои ја користат услугата и плаќаат за истата со испраќање порака на телефонскиот број 144 144. Реакција од граѓани на кои за еден час паркирање им било наплатено 50 денари се објавуваат и на социјалните мрежи, но пристигнуваат и до нашата редакција. Според директорот на ЈП „Стипион“, Игор Ефтимов, цената за паркирање на некој од обележаните паркинзи во Штип не е покачена, проблемот е во тоа што лицето ја користело паркинг зоната A4.
„Ја видов поплаката, беше објавена на „фејсбук“. Имено, како што стоеше и на објавената слика, каде се гледа како лицето платило паркинг, се користела зоната A4. Се работи за ист мобилен оператор, ист телефонски број, но зоната А4 се наоѓа во Скопје. Во Штип зоните се од ST1 до ST4 и на тие зони се наплаќа само 20 денари за час“, истакна Ефтимов.
Во оваа прилика тој апелираше до граѓаните при испраќање пораки за наплата на паркинг да ги пишуваат паркинг зоните кои се наоѓаат во Штип. Секоја од зоните е испишана на информативните паркинг табли, кои се поставени на секое паркиралиште. За паркинг услуга нема да ви се наплати поскапо ако користите некоја од зоните од ST1 до ST4.
Ребека Спасова М-Нет