
ГФК Куманово ги објави плановите за новата сезона, во која амбициите се повеќе од јасни – освојување на првото место во новоформираниот Регион 2 и изборување пласман во Втората македонска фудбалска лига преку баражот.
Подготовките официјално ќе започнат на 4 август, а стручниот штаб ќе стави акцент на физичката, техничката и тактичката подготовка на екипата. Во текот на подготвителниот период се предвидени четири контролни натпревари, на кои сите фудбалери ќе добијат можност да ја покажат својата форма и да се наметнат пред почетокот на првенството во септември.
Од клубот истакнуваат дека ростерот од минатата сезона е целосно задржан, додека преодниот рок сè уште е активен и се работи на ангажман на уште три до четири квалитетни засилувања кои би требало да направат разлика во борбата за шампионската титула.
Новиот Регион 2 ќе ги опфати клубовите од општините Куманово, Кратово, Крива Паланка, Липково, Старо Нагоричане и Ранковце, а во него ќе се натпреваруваат 10 или 12 екипи. Победникот на регионот ќе игра бараж против победник од еден од останатите пет региони за место во Втората лига.
Иако многумина го сметаат ГФК Куманово за главен фаворит, од клубот порачуваат дека ќе влезат максимално сериозно и претпазливо во секој натпревар, бидејќи, како што велат, во денешниот фудбал нема лесни противници.
Во клубот веруваат дека со дисциплина, напорна работа и квалитетни засилувања оваа генерација може да испише ново успешно поглавје и да го врати кумановскиот фудбал таму каде што му е местото – во Втората македонска лига.