
Мнозинството население кое живее кај Панаѓурот во Кочани против изградбата на нови згради, покажуваат анкетните листи кои ги спроведе советничката група „Доста е“ и невладиното здружение „Греен орг“. Денеска преку едношалтерскиот систем во Општина Кочани овие анкетни листови беа доставени до Општината со цел да се покаже дека граѓаните се против изградбата на згради за домување.
„Мнозинството население се изјасни против изградба на згради на место викано Панаѓур. Ние како советничка група ќе ги доставиме до општината заедно со Греен орг, овие 250 анкетни листови кои за почеток се доволни за да се земат како мислење“ – вели Крстев.
Од еколошкото друштво Греен орг Кочани велат дека нема да дозволат дополнителна бетонизација на просторот и уништување на зеленилото во тој дел од градот. Дополнително, жителите ќе имаат проблеми со водоснабдувањето во овој дел од градот. Упатија апел до советниците во Советот на Општина Кочани да се разгледа внимателно постапката пред да се донесе конечна одлука.
„Еколошкото здружение изразува загриженост за предложената урбанизација во рамки на ДУП 13. Сакаме да изјавиме дека нема да дозволиме понатамошна бетонизација на просторот на штета на зеленилото, јавниот интерес и квалитетот на животот на граѓаните“ – вели Симонова.
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грзоданов, во телефонски разговор за М-Нет телевизија посочи дека целата постапка е во фаза на разгледување и дека одлука ќе се носи во наредниот период.
Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет