1300 тони ориз ќе бидат складирани во стоковите резерви со кои се покрива 60 дневната потрошувачка

1300 тони ориз ќе бидат складирани во стоковите резерви со кои се покрива 60 дневната потрошувачка, за кои се потребни околу 100 милиони денари. Програма за дополнување на среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви беше усвоена вчера во собранието, а истата беше предложена од Министерството за финансии.

,,Во стоковните резерви ќе бидат складирани 1300 тони ориз, односно 2400 тони оризова арпа со што се обезбедува 60-дневна потрошувачка, а за што се потребни околу 100 милиони денари.

Оризот како култура од исклучително значење за населението во земјата, која е погодна за чување како стоковна резерва, е опфатен со последните измени и дополнувања на Законот за стоковните резерви.

Стоковните резерви се формираат од производи кои се од исклучително значење за животот на населението во Р Македонија и се користат во случај на воена состојба, вонредна состојба, елементарни непогоди, еколошки катастрофи, како и при поголемо нарушување на пазарот.”, известуваат од министерството за финансии

Инаку, стоковните резерви ги сочинуваат пченица, пченка, јачмен, оризова арпа, прехранбена сол, сурово сончогледово масло, нафтени деривати, лекови и медицински средства.

Иван Митев, М-Нет