
Се зголемува бројот на екипи кои ќе учествуваат во новата сезона од Третата македонска фудбалска лига – Исток. Минатата сезона во овој третолигашки регион настапуваа девет екипи, Вардарски од Богданци стана шампион минатата сезона и се пласираше во Втора лига, а годинава бројот се зголеми на 12 екипи, односно ќе настапуваат нови четири екипи. Осум од минатата сезона плус четири нови.
Организациски се погодига Трета лига – Исток на повисоко ниво, интересот за натпреварување е поголем, а се подобрува и инфраструктурата на стадионите во Трета лига – Исток.
Во новата натпреварувачка сезона 2024/2025 во Трета лига – Исток ќе настапуваат некогашниот второлигаш Слога од Виница, Тиверија од Струмица, Дојранско Езеро од Дојран, Овче Поле од Свети Николе, Ударник од Пирава, Рудар од Пробиштип, Малеш од Берово и екипата на Карбинци од општина Карбинци кои и минатата сезона настапуваат во Трета лига – Исток, дополнително во новата сезона ќе настапува шампионот на ОФЛ Кочани екипата на Светлост од Зрновци, на фудбалската карта се враќа Брегалница од Делчево и некогашниот прволигаш кој играше и квалификации за Европа екипата на Турново од струмичко Турново, а ќе настапува и екипата на Граничар Спорт од Ново Коњарево од општина Ново Село.
Во следниот перод ќе биде познато и кога ќе започне новата сезона од Третата македонска фудбалска лига – Исток, каде во секое коло ќе се играат по шест натпревари, а конкуренцијата за првото место и баражот за Втората лига се зголемува.
Александар Ванев, М-Нет