Ќе има реконструкција на Градскиот стадион во Радовиш, Детонит Плачковица „гази“ кон Прва лига

Најпозитивно изненадување дефинитивно е радовишкиот второлигаш Детонит Плачковица, кој сезонава „без респект“ ги спушти на земја сите главни претендети за Прва лига.

Во Радовиш најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар одвај „преживеа“ и извелече само бод (1:1), додека пак теренот во Радовиш беше кобен за Пелистер, кој дома си замина поразен и без бодови. Ниту Гостивар, кој тогаш беше лидер на табелата немаше рецепт за Детонит Плаковица, кој сосема сигурно им го зема скалпот на големите фаворити.

Токму во следното коло Детонит Плачковица на Градскиот стадион во Радовиш, каде радовишани немаат пораз сезонава доаѓа Воска Спорт, уште еден фаворит за влез во Втора лига, што и дефинитивно ќе биде дерби на колото.

Пред околу една недела во посета на општина Радовиш беше Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Муамед Сејдини, кој заедно со Градоначалникот на општината Ацо Ристов, ги разгледаа условите на самиот Градски стадион утврдувајќи дека потребни се одредени зафати на самата тревна површина и трибините.

„Нека сплотеноста која владее во клубот, и давањето на максимумот на секој поединец бидат причина за успех до крајот на есенскиот дел“, изјави Градоначалникот Ристов.

Досега и дефинитивно сезонава која ја игра Детонит Плачковица и историски е најдобра, а клубот сосема сигурно „гази“ кон промоција во ПМФЛ. Четата предводена од штипскиот стратег Горан Здравков дава резултати кои може да го однесат радовишкиот второлигаш во најмала рака до бараж за Прва лига.

Одредените зафати кои ќе бидат направени на самата тревна површина како и на трибните ќе биде уште една потврда дека Радовиш заслужува да добие прволигаш. Резултатите на Детонит Плачковица се за почит, игра допадлив фудбал, Здравков успеа да направи компактен тим, и сосема сигурно оди кон испишување на историја за радовишкиот фудбал.

Радовишани заслужуваат да гледаат прволигашки фудбал, а тоа го потврдуваат со максималната поддршка за нивниот Детонит Плачковица како и полните трибини, особено пеколната атмосфера против Вардар.

Александар Ванев