
Пет години својата љубов кон цвеќето, Александра Митева од струмичко Владевци ја претворила во свој сопствен бизнис. Со своите две раце, решила да заработи садејки цвекиња, за нивните љубители. Од раната есен до доцна пролет, таа е под фолија и секое цветче минува низ нејзините вешти раце. На нејзината раскошна тезга, која среќава на штипскиот пазар, има богата понуда на сорти – петунии, калиопи, темјанчиња, емпатија, бомбонче, малофи, лепи кати и многу други, внимателно одгледани за да го разубават секој двор и балкон во Штип. Тезгата и е претурена од бои и мириси, што на прв поглед ги привлекува купувачите. Александра вели дека квалитетот се препознава веднаш, а цените се прифатливи за секој џеб. Во време кога сите бараат, втора работа и малку убавина во секојдневието, нејзината приказна е доказ дека со труд и љубов, успехот навистина цвета.
,,Пет години се занимавам, цвекињата се садени од октомври. Под фолија и се гледани за да стасат до тука. Има разни сорти, емпатија, питонија, лепа ката, грчка малока, калиопа, темјанче, бомбонче, значи различни. Купуваат граѓаните, не се скапи. Имам три цвекиња за 100 денари, додека големите се 150 денари.“, вели Митева
Но, покрај што ги продава, Александра нуди и совети за тоа како се одгледува секое цвеќе. Вели различно се негува секое едно. Некое бара сонце, друго сенка, трето повеќе вода. Важно е ќе рече е да се пресади во убав сад и по месец дена да се доаде губрива.
,,Секоја китка има свое различно барање. На пример некоја бара сенка, друга сонце, треба наводнување често, губре. Од кога ќе се пресади, после еден месец се додава губре, за да не се расипе. Сама ги одгледувам.“, додава Митева
Три цвеќиња за 100 денари, а поголемите по 150 , понуда што ретко кој ја одбива. Купувачите си заминуваат со насмевка, носејќи дел од пролетта во своите домови. За Александра, секое продадено цветче е уште една потврда дека трудот се исплати. Таа вели – кога се работи со мерак, резултатите сами доаѓаат.
Иван Митев, М-Нет