Јорданов: Ќе се најавиме и повторно ќе отидеме да го посетиме првото родено бебе во Штип

Јорданов ќе се најави и повторно ќе дојде во болницата да го посети првото новороденче во 2023 година дури и да им биде кажано дека бадијала ќе доаѓаат оти директорот не е присутен. Тој вели дека и оваа година ќе се ориентираат по тоа кога ќе се роди бебето, а не по тоа кога директорот ќе биде слободен за да ги примат. Во болницата ќе се најават и упатат макар и повторно да не бидат примени.

„Ние и оваа година ќе искомуницираме и со директорот на болницата и со Акушерското одделение. Доколку и оваа година директорот е на службено патување или отсутен од град Штип, ќе се обидеме и оваа година да отидеме на посета. Доколку бидеме примани, нормално, ќе ги оставиме подароците. Да бидеме зависни од тоа дали директорот е во болницата или не, сепак е несфатливо за мене, да го чекаме неговото присуство и да се ориентираме кога ќе биде директорот во болницата, тогаш да ја направиме посетата. Сметам дека треба да се ориентираме по времето кога ќе дојде на свет новороденчето во 2023 година“, вели Јорданов.

За претходната година Јорданов вели дека информациите дека пошле ненајавени се невистинити. Контактирале со Акушерското одделение од каде им било речено дека бадијала ќе одат, бидејќи директорот не е таму. Воден од сфаќањето дека потоа ќе биде доцна, Јорданов вели дека се одлучиле да отидат на посета.

„Добивме информација од страна на Акушерско одделение, од страна на дежурниот доктор дека директорот на болницата тој ден не е на работа, службено е отсутен, и дека доколку сакаме да направиме посета, директорот побарал тоа да биде кога ќе се врати од службено патување, односно неколку дена по раѓањето на првото новороденче во 2022 година. Тоа за мене не соодвестуваше, затоа што тој чин се прави кога доаѓа на свет новороденчето, а не кога директорот ќе се врати од службено патување. Веројатно, суетата беше поголема од тоа да се дозволи еден таков традиционален чин да се овозможи без негово присуство.

Јорданов и претставници од неговиот Кабинет минатата година со подароците стигнаа само до пред вратата на Акушерското одделение при Клиничка болница Штип, по што не им беше дозволено да влезат. Првото бебе минатата година го роди родилка од Радовиш, па подароците градоначалникот им ги однесе во нивниот дом на Божиќ.

Ребека Спасова М-Нет