
На последниот ден од 2022 година и градоначалниците на општините од регионов со пораки и честитки до граѓаните. Штипскиот градоначалник, Иван Јорданов, посакува беспарицата да биде минато, градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов, уште поголеми успеси во новата 2023 година, а градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, посака многу радост и просперитет.
„Посакувам оваа беспарица, ценовното покачување кое се случуваше, да биде минато. Следната 2023 година да биде година на развој, на берикет, на сплотеност“, порача Јорданов.
„Би рекол дека најдобро е овие празници да ги поминеме заедно со фамилијата, да го почувствуваме оној дух на новата година и божиќните празници коишто следат. Сакам да ја искористам оваа прилика на сите жители на општина Карбинци и на Република Македонија да им ја честитам новата година и сите празници со желби 2023 година да ни биде уште поуспешна, а пред сѐ да останеме во добро здравје со желби за среќа, берикет и успех на секое поле“, порачува Паунов.
„Новата година е нов почеток, а почетокот на новата календарска година, нѐ поттикнува со отворено срце и најубави зборови да им посакаме на најблиските да имаат радосна и просперитетна година. Наздравете за новиот почеток, за новата 2023 година и дочекајте ја со широка насмевка, живејте ја со љубов, испратете ја со успех. Среќна Нова година и среќен Божиќ!“, порача Трајковски.
Градоначалникот на Карбинци новата година ќе ја дочека во домашен амбиент со семејството и пријателите, а градоначалникот на Штип останува во градот, или во домашен амбиент или во некој од штипските локали. Градоначалниците на Штип, Карбинци и Делчево навраќајќи се на изминативе 365 дена заклучуваат дека годинава била успешна во поглед на проекти и развој на општините.
Ребека Спасова М-Нет