Јаневска: Наместо ученици, отсега наставници ќе дежураат во ходници и дворови

Наместо ученици, отсега наставници ќе дежураат во училишните ходници и дворови. Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека МОН испратило допис до училиштата и општините за повторно воведување на оваа пракса. Мерката има за цел да спречи инциденти и несоодветно однесување за време на одморите. Според Јаневска, присуството на наставниците ќе придонесе за поголема безбедност во училиштата. Таа нагласи дека клучна улога во справувањето со врсничкото насилство имаат и семејството, родителите и старателите.

„Наместо ученици, отсега во училишните ходници и дворови ќе дежураат наставници.

Информирам дека МОН испрати допис до сите училишта и општини со кој се задолжуваат повторно да се воведе праксата која постоеше во минатото – за време на големите и малите одмори да има дежурни наставници, наместо дежурни ученици. Ценам дека оваа мерка ќе помогне во спречување инциденти и несоодветно однесување на учениците.

Повторно потенцирам, за поефикасно справување со врсничкото насилство неопходна е и поддршка од сите општествени чинители, а најважно е семејството, родителите и старателите.“, кажа Јаневска

МОН најавува дека мерката со дежурни наставници ќе се применува во сите основни и средни училишта. Од Министерството очекуваат дека на овој начин ќе се зголеми безбедноста во училишните објекти. Целта е да се спречат инциденти и несоодветно однесување за време на одморите. Дополнително, се потенцира дека за справување со врсничкото насилство е потребна и поширока општествена поддршка.

Иван Митев, М-Нет