В недела ќе се решава судбината – кој ќе биде шампион во Втора лига?

Натпреварите од 28. коло на Втората македонска фудбалска лига наместо в сабота ќе се одиграат в недела, а ова ќе биде рунда која ќе решава кој ќе биде шампион во Втора лига и директно ќе патува во Прва лига, а кои екипи ќе играат бараж и по потешкиот пат да обезбедат место во елитата.

Дербито на колото е во Штип, Брегалница како лидер ќе ја пречека Шкендија Арачиново, дерби дуел кој ќе го одлучи шампионот, а од сенка исход од овој меч ќе чека Скопје, кој пак ќе гостува кај Тетекс.

Брегалница зависи сама од себе, ако триумфира веќе станува јасно оти штипјани ќе го подигнат шампионскиот пехар и ќе обезбедат директен влез во Прва лига за следната сезона.

Охрид, пак, кој на домашен терен ќе игра со Големо Коњари ќе чека распоред на мечевите во Штип и Тетево со цел да фати приклучок за бараж, бидејќи „рибарите“ после поразот во Автокоманда останаа без шанси за прво место.

Дерби на Истокот без резултатско значење, но за престиж ќе се одигра во Македонска Каменица, каде ќе се соочат Саса и Слога Виница, додека пак Кожуф како голем фаворит ќе ја пречека Победа.

Соочување за петтото место ќе има меѓу Новаци и Беласица, а од тој меч најмногу може да добие Осогово кој гостува кај Вардар Неготино во трката за петтото место. Во обид за прогрес и скок на табелата од неколку позиции ќе биде и Детонит Плачковица кој како голем фаворит оди во Ресен каде ќе игра со Преспа.

Александар Ванев, М-Нет