
Штрајкот на вработените во образованието засега продолжува и утре. Како што истакна претседателот на СОНК, Јаким Неделков, до овој момент договор нема, но се очекува работна средба со ресорните министри да има попладне. Прекин на штрајкот нема да има и утре, но Неделков појасни дека јавноста дополнително ќе биде информирана за напредокот на разговорите со Владата.
„До овој момент немаме заемен договор со ресорните министри околу нашите барања, очекуваме потврда за средба во попладневните часови, но конкретни информации засега нема. Нашето очекување е во интерес на учениците, децата во детските градинки, родителите, колегите кои штрајкуваат, во интерес на Република Македонија, Владата да смогне сили и да изнајде начин и средства, да ги договориме оние побарувања кои СОНК ги има доставено“, рече Неделков.
На денешната прес – конференција на Синдикатот присуствуваше и првиот човек на европските синдикати за образование, Сусан Флокен, која јасно ја искажа својата поддршка за синдикалните барања и истакна дека се потребни поголеми вложувања во образованието во земјава.
„Образованието е повеќе од образование. Тоа е подготовка за идните генерации на секоја една држава. Наставниците се тие кои ја подготвуваат иднината на земјава. Квалитетна настава е основата на ова општество. За сѐ што се случува во општеството, нам ни требаат квалитетни наставници, бидејќи тие ја подготвуваат иднината на земјата. За да имаме квалитетно образование нам ни треба повеќе вложувања во оваа професија која е од круцијално значење, бидејќи е камен-темелник на нашето општество. Јас сум овде да го поддржам тоа. Ние подоцна ќе имаме средба со Министерот за образование каде јас ќе го поддржам СОНК во нивните барања, затоа што овде ние сите ќе застанеме зад нашите колеги во нивната борба. Вистинското нешто што треба да се направи е да помогнеме нивниот глас да се слушне низ државата и низ Европа. Најважното нешто за што сум среќна е дека наставниците добиваат поддршка од нивните ученици и родителите“, истакна Флокен.
Неделков ја повика Владата да најде волја за решение и потсети на барањата за покачување од 18,4% на платите и усогласување на колективните договори. Како што додаде тој, за секој предлог на Владата и Министерството ќе се расправа во членството, а засега може да се изрази само надеж дека до вечер ќе има добри резултати.
Ребека Спасова М-Нет