Лекарите советуваат: Умерена и разновидна исхрана е клучот по постот

И пред и по постите да се однесуваме одговорно, а умерената и разновидна исхрана да ни биде начин на живеење, смета д-р Валентина Митрова, специјалист по општа и семјна медицина. По велигденскиот викенд и четириесетдневниот пост Митрова вели дека најважниот совет кој може да се даде некому е дека на нашата трпеза треба да биде застапено сѐ, но во умерени количини.

„Како еден совет за сите оние коишто постеле овој период е постепено да се вратат на нормалната исхрана со почести оброци, постепено внесувајќи ги намирниците кои за време на постот ги избегнувале. Како еден совет, да не се претерува со внесувањето на јајца, затоа што по сето она што сме го правеле 40 дена враќањето во нормална исхрана, што сме ја имале пред постите, претставува еден шок и некои може да го почувствуваат на своја кожа. Преголема количина на мрсна и обилна храна може да доведе до несакани здравствени последици како панкреатит, воспаление на жолчното ќесе, гастритис, со мачнини и гадење“, вели Митрова.

Лесната исхрана, односно постот е и медицински препорачан, бидејќи за секојдневните активности е подобро да се јаде лесна храна и многу течности. Ова го знаеле и нашите предци, смета Митрова, поради својот начин на живот. Обилната исхрана и алкохолот може да бидат предизвикувачи на значителни здравствени проблеми, поради што овие совети треба да ги практикуваме и секојдневно, а не само по пост.

„Постот односно внимавање со медитеранска исхрана е и медицински препорачано. Нашите предци знаеле како да внимаваат на сопственото здравје, така што сите начини на живот коишто ги имале, не поднесувале мрсна исхрана, па тие јаделе малку аскетски, со многу течности и онолку колку што организамот има потреба. Не со прејадување, не со обилни оброци“, додава таа.

До сериозни заболувања, па дури и срцев или мозочен удар не може да дојде кај здрав човек, единствено кај лица со коморбидитети. Оние кои имаат покачен крвен притисок, покачен шеќер и срцеви заболувања и онака треба да внимаваат на својата секојдневна исхрана. Сепак, советите важат за сите. Јагнешкото месо е здраво, вели Митрова, но тешко за варење, па за сѐ треба да има умерена доза.

Ребека Спасова М-Нет