
Граѓаните кои одржале 40-дневен пост да не претеруваат со мрсната храна, јајцата и алкохолот, советуваат лекарите не само овој, туку и секој Велигден. Освен на количината со велигденските јајца да се внимава и на тоа да не се јадат долго време откако ќе се подготват за да не дојде до труење. И покрај ваквите совети, службата на Итната медицинска помош Кочани за велигденскиот викенд била со полни раце работа со пациенти кои се прејале или консумирале поголема количина алкохол.
„Интензитетот на прегледи е зголемен поради тоа што матичните лекари не работат за време на празниците. Бројот на пациенти се движи во некоја нормала. Имаме повеќе пациенти со зголемена консумација на алкохол и прејаденост, а исто така имаме и други пациенти со невролошки и мозочни заболувања“, истакна д-р Сања Тасова – Анчова, доктор по Општа медицина.
Медицинските лица велат дека најголемата грешка која ја прават оние кои постат е токму тоа што по причест веднаш почнуваат со обилни оброци и храна со многу маснотии. Ваквата исхрана може да доведе и до проблеми со желудникот, жолчката, панкреасот и црниот дроб. Дел од истражувањата покажуваат дека на организмот му требаат најмалку две недели за да ѝ се врати на обилните оброци со повеќе маснотии.
Освен оние кои постеле лекарите ги советуваат и оние кои прележале ковид да внимаваат со храната, бидејќи на организмот му требаат од три до шест месеци за потполно да се опорави.
Ребека Спасова М-Нет