Штип ќе го добие најголемиот мегапарк „Иднина“ на површина од 70 илјади метри квадратни

На површина од 70 илјади метри квадратни ќе се гради мегапаркот „Иднина“ во Штип. Станува збор за проект на општината за кој ќе се издвојат средства од Буџетот на Општина Штип. Овој парк ќе биде најголем на територија на општината со најразлични содржини и водена површина од околу шест илјади метри квадратни.

„Локацијата каде што ќе се протега овој парк е меѓу населбите Осми Номеври и Баби, веднаш до велоосипедско пешачката патека на река Брегалница. Имајќи во предвид дека оваа зона се користи од граѓаните за рекреакција, сметам дека оваа површина ќе биде доста користена. Знаете дека Штип се водоснабдува од ХС Злетовица, а имаме и резервен бунарски сиситем и сметам дека еден дел од бунарскиот сиситем треба да биде искористен за зелена површина.“ – вели Јорданов.

Паркот ќе го носи името парк „Иднина“ бидејќи самиот изглед, содржините и елементите ќе симболизираат нешто ново и несекојдневно. Ако сѐ тече според планираното, Јорданов посочи дека треба да започне со изградба кон крајот на оваа година и да биде готов напролет наредната година, кога и ќе може да се користи.

„Паркот ќе биде парк „Иднина“ затоа што самите елементи, самата содржина ќе симболизира нешто ново, нешто што ќе асоцира на иднината. Како што напоменав проектот е несекојдневен, досега во Штип нема таков парк, таква содржина.“ – додава Јорданов.

Со изградбата на мегапаркот на потегот меѓу населбите Осми Номеври и Баби овој дел од градот ќе биде еден од најатрактивните.

Лаура Стојанова М-Нет