Штип ја доби титулата Европски град на спортот, доделувањето е во Европскиот парламент

Во категорија на градови до 50.000 жители Штип вечерва ќе ја добие титулата Европски град на спортот. Делегацијата предводена од градоначалникот, Иван Јорданов, веќе е во Брисел, каде ги доведе Извештајот од оценската комисија на Европската асоцијација на градови на спортот, која минатиот месец ги скенираше спортските можности и спортската инфраструктура на Штип. Оценката дека Штип е подготвен да ја носи оваа титула е донесена врз основа на 12 критериуми.

„Навистина, ова е датум за паметење со оглед на тоа што во изминатите неколку месеца Штип го посетија претставници од Европската комисија, коишто извршија оценување согласно со критериумите коишто беа поставени, а тоа се спортските клубови, спортската инфраструктура, можностите коишто им се нудат на сите спортски работници во нашиот град. Врз основа на овие критериуми она коешто го добивме како Извештај од Европската комисија е дека за 2024 година Штип ќе ја добие наградата за Европски град на спортот“, вели Јорданов.

Јорданов вели дека титулата е стимул за целиот град – следната година да биде година на спортски успеси, подобрување на спортската инфраструктура и условите за спортот. Токму тоа е и обврската на градовите кои ја носат титулата Европски град на спортот, а за тоа може да побараат поддршка од Европската комисија, односно ќе имаат зголемена можност да ги користат европските фондови.

„Освен признанието коешто ќе го добиеме како град, можностите коишто ќе ни стојат на располагање во 2024 година, ќе значат поголеми можности за искористување на европски средства во насока на развојот на спортот во нашиот град, во насока на организирање на спортски настани, на поддршка на спортот, на спортските клубови, но и во изградба на спортска инфраструктура, којашто е предуслов и услов за развојот на спортот во општина Штип“, додава Јорданов.

Штип е во групата со уште 12 други градови кои на гала-вечер ќе ја добијат оваа титула, Херцег Нови, Приштина, Солун, Валона и уште неколку града во Франција, Шпанија, Турција, Португалија и Србија. Штип е вториот град од Македонија со титула Европски град на спортот по Куманово, кој титулата ја понесе во 2019 година.

Ребека Спасова М-Нет