
Јавниот сектор не внимава на етничката и половата застапеност при вработувањето, констатираше Народниот правобранител. Според Извештајот кој го има добиено оваа институција, а врз основа на податоците добиени од 1.325 институции, нема значителна промена во процентот со кој се застапени помалубројните заедници што значи дека институциите не ги испочитувале препораките на Народниот правобранител. Истата анализа покажува дека е зголемен само бројот на вработени од втората по големина заедница, албанската заедница. Бројот на вработени Македонци, пак, е намален.
„Карактеристично за овие институции е дека имаат вработено лица само од мнозинската, а кај некои и од втората по големина етничка заедница, а имаат многу мал број или воопшто немаат вработено лица од помалите заедници или, пак, имаат вработено само во структури кои по ранг на хиерархијата во администрацијата се лица со пониско образование и со нераководни позиции. Констатацијата на Народниот правобранител е дека сите помали етнички заедници се застапени со скоро идентичен процент како и претходната година, што значи дека институциите не ја почитуваат во целост препораката на Народниот правобранител“, вели Зибери.
Во однос на половата застапеност, речиси секаде мажите се побројни од жените. Нелогичноста, вели Зибери, е што жените се со повисоко образование, но мажите ги има повеќе како избрани и именувани лица и на раководните работни места.
„И покрај оваа констатирана состојба, заклучокот е дека е помал број на вработени жени во однос на мажи, а нивниот број е помал и на раководни работни места. Единствено поголем е бројот на жените со високо образование во јавниот сектор во однос на мажите, но сепак мажите се побројни во однос на жените како избрани и именувани лица, но и на раководните работни места. Констатацијата дека имаме приближување на соодносот меѓу жени и мажи на врботувања во јавниот сектор во категоријата на нераководни работни места е знак на рамноправност и еднаков третман на двата пола при вработување на овие извршителски позиции, додава Зибери.
Анализата покажува дека за една година се намалил бројот на вработени лица во јавниот сектор. Во 2022 година бројот на вработени бил 130.377 лица, а во 2021 година бил 134.900 лица.
Ребека Спасова М-Нет