
Одбојкарите на ОК Штип УГД се на само една победа од шампионската титула, откако и во вториот финален натпревар славеа убедливо против Борец во Велес со 0:3 во сетови.
Штипјани уште еднаш покажаа квалитет и сигурност на теренот, контролирајќи го натпреварот од самиот почеток. Првиот сет беше најнеизвесен, но заврши во корист на гостите со 24:26. Во продолжение, Штип УГД целосно ја презеде иницијативата и со 14:25 го доби вториот сет, додека во третиот, и покрај обидите на Борец да се врати во игра, гостите повторно беа посигурни во завршницата за конечни 23:25.
Со оваа победа, Штип УГД води со 2-0 во финалната серија и веќе во следниот натпревар ќе има можност да ја завери титулата. Борец, пак, ќе мора да оди на „сè или ништо“ доколку сака да ја продолжи серијата.
Третиот натпревар се очекува со голем интерес, каде ќе се види дали Штип ќе слави шампионска круна или Борец ќе избори нова шанса.