Штип со нов кружен тек

Поради зголемениот сообраќај, претежно во делот каде во близина на населбата Сењак беше изграден новиот мост над р.Брегалница, со што се стави во функција и обиколницата, општинската власт одлучи на раскрсницата помеѓу улиците Партизанска и Борис Крајгер да биде поставен кружен тек.

Станува збор за кружен тек од монтажен карактер, кој значително ќе ги намали проблемите на возачите на оваа крстосница, но и ќе ја намали брзината на движењето, истакна градоначалникот Благој Бочварски.

Ова е прв ваков кружен тек којшто го поставуваме, модерно решение, многу едноставно, кое што ќе ги даде своите резултати во делот на безбедноста на граѓаните – рече Бочварски.

За тоа што новиот кружен тек е од монтажен карактер, единствен проблем ќе биде колку долго ќе остане на оваа локација.

Па еве јас ќе го упатам апелот, не само за ова јавно добро кое сега се прави, ние секојдневно работиме на одредени проекти, апелирам до граѓаните да ги чуваат, заради тоа што тоа се средства на сите нас, коишто ги вложуваме со цел овде да нема сообраќајни незгоди. Ако некој смета дека треба да се вратиме повторно на старото решение, во тој случај треба да ја разбереме неговата причина, но јас сметам дека со ова решение ние треба да постигнеме поголема безбедност и апелирам да ги чуваме овие елементи и сообраќајни знаци, коишто се од корист за сите нас и секако за оние луѓе коишто живеат овде – истакна Бочварски.

За набавка на елементите за овој монтажен кружен тек, од Општина Штип се одвоени околу 200.000 денари.

Ширината на внатрешниот круг е со дијаметар од 14 метра, што претставува доволно за безбедно одвивање на сообраќајот – рече Сашо Протогеров, директорот на ЈП „Стипион“.

Сепак, ова не е трајно решение за решавање на безбедноста во сообраќајот во овој дел од Штип. Поточно улицата Патризанска, за која во новиот ДУП, кој се изготвува, предвидена е нејзина реконструкција. Со тоа би се решил и проблемот со крстосницата кај АМД.

Ќе имаме прилика да видиме како ќе се одвива сообраќајот со времениот режим со овие монтажни елементи. Доколку има некои недостатоци, пред изградбата на трајното решение, истите ќе се отстранат – рече Оливера Блажева, сообраќаен инспектор при ОШ.

Станува збор за седма крстосница, на која проблемот во сообраќајот во Штип е решен со кружен тек.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ