Штип без дожд два месеца, годинава – голема суша

Штип ова лето два месеца беше без дожд. Претходно, производителите на земјоделски производи велеа дека летните горештини придонеле за исушување на повеќето од производите. Сега и граѓаните на Штип велат дека потреба од вакво разладување како деновиве има.

„Претпоследниот, не сметајќи го овој дожд, беше на 21 јуни и тоа 7,5 l. Јас имам мерна станица во Ново Село, кај бањата „Кежовица“. Значи, можете да замислите: јуни, јули, август, еве на 18. заврна, скоро два месеца. На овие пеколни горештини преку 40 степени што значеше ова освежување“, за МНет зборуваше нашиот соговорник Киро Маџунаров, граѓанин на Штип.

Дождот кој заврна пред неколку дена, пред сè беше освежување за градот и жителите. Но истовремено донесе и некои штети, зашто беше проследен со град на неколку места. Како што вели нашиот соговорник, особено најмногу беше забележан во Ново Село.

„На мерното место пред неколку дена заврна 22 l/m2 во Ново Село, а гледајќи го градот само облак како фатил, така паднал и дождот. Имаше и малку град, ама што е – тоа е. Има некоја штета, добар дел од лисјата, од дрвјата од лозите се паднати, гродовите се паднати, ама не можеме против природата“, посочи Маџунаров.

Сепак, ова и не беше така голема количина град. Годинава горештините ги напаѓаат производите, а претходно се случувало и градот да ги уништи. Со годините наназад предизвикувал огромни штети. Доаѓало до тоа да искрши гранки и производи, кои потоа не можат да се користат и вратат во првобитната состојба.

„Народот рекол: „Каде има град, нема глад!“. Ама тешко на тие што ќе бидат погодени, човек да не е производител. Штетите се огромни и да само да не ви дојде кај вас. Инаку, водата е секогаш добредојдена на овие простори“, додаде Маџунаров.

Според информациите од Маџунаров, во првата половина од оваа година, односно за првите шест месеци Штип добил само 280 l/m2 дожд. Ова доведува до заклучок дека годинава може да се окарактеризира како година на голема суша.

Ребека Спасова МНет