
Во последните две недели бројот на новозаразени пациенти со ковид 19 во нашата држава драстично зголемен. Во последните неколку денови има четирицифрена бројка на заразени, но загрижува и фактот што двоцифрена е бројката на починати лица поради компликации од корона вирусот. За пример, за време од две недели во Македонија се регистрирани 101 починато лице, од кои 92 не биле вакцинирани, а девет од нив имале примено вакцина. За вакцинирани лица се сметаат оние кои примиле две дози вакцина и изминале 14 дена. Само 15% од лицата кои имале позитивен ковид тест биле целосно имунизирани. Поголемиот број од позитивните ковид пациенти, односно 91% од нив, не се вакцинирани. Заради тоа и апелите од Филипче се да се имунизираат што е можно поголем број граѓани.
Во меѓувреме се полнат и модуларните ковид болници. Во штипската има хоспитализирано 31 пациент, а половината од нив имаат потреба од кислородна поддршка. Само 7 пациенти од корона позитивните се вакцинирани, а моментално слободни се 16 кревети, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
Кочанската модуларна ковид болница се уште не е пуштена во функција, а како што истакна директорот на Општата болница Кочани, засега нема потреба од истата.
Во Општините од Истокот моментално има активни 306 ковид случаи, од кои 100 во Штип, 79 во Кочани, 52 во Берово, 21 во Делчево, 30 во Виница, 13 во Пробиштип, 10 во Пехчево и еден активен случај во М. Каменица.
Заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.093.646 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 166.741, бројката на оздравени пациенти е 151.692, на починати е 5.632, а бројот на активни случаи изнесува 9.417.
Лаура Стојанова МНет