Брегалница пред ново искушение, овојпат против Борец во Велес

Фудбалските прволигаши се пред ново првенствено коло во кое тимот на Брегалница ќе гостува на екипата на Борец во Велес. Традиционалното ривалство помеѓу овие две екипи е доволно да ги разгори страстите и да се покаже која екипа моментално е поподготвена и подобра. Досегашниот учинок вели дека по изминати три кола и Борец и Брегалница имаат по 3 бода, Борец има една победа и два порази со гол разлика 2:4 , додека пак Брегалница има три нерешени средби со гол разлика 3:3. Брегалница имаше тежок распоред бидејќи за противници ги имаше актуелниот шампион Шкендија и вицешампионот Шкупи и успеа да одигра нерешено а бод освои против Скопје на гости. Веќе се делегирани и официјалните лица за ова 4 коло така да средбата Борец – Брегалница ќе ја суди Игор Стојчевски а ќе му помагаат Гоце Петрески, Дејан Димитријевиќ и како четврти судија Дарко Стојчевски, сите од Скопје. За Контролор е делегиран Ѓорги Карајанов а Делегат ќе биде Ристо Танев и двајцата од Гевгелија. Еве ги комплетните двојки за ова 4 коло:

  1. Борец – Брегалница
  2. Струга ТЛ – Шкупи
  3. Скопје – Пелистер
  4. Шкендија – Македонија ЃП
  5. Работнички – Тиквеш
  6. А. Пандев – Ренова

Сите натпревари ќе се одиграат во недела 22 август со нов термин на почеток во 16.00 часот, освен средбата во Струмица која ќе започне во 20.00 часот.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk