
Св. Трифун, св. Валентин, ден на љубовта или ден на виното? Со низа имиња граѓаните го насловуваат и празнуваат денешниот ден. Полемиката сѐ повеќе е актуелна при што се спротиставуваат католицизмот и православието, а и се спојуваат во одбележување преку љубовта и виното. Штипјани делумно ја разгоруваат полемиката, но дел се одлучуваат и за двата празника. Сепак, останува и мислењето дека повозрасните – наклонети кон традицијата го одбираат св. Трифун, а помладите ја слават љубовта.
Меѓу народот св. Трифун е познат како заштитник на лозарите, што како традиција го повлекува закројувањето на лозовите насади за повеќе род. За ова како обичај зборуваа и анкетираните штипјани.
Инаку, православната црква одредила ден за чествување и на двајцата светии, но денеска го чествува св. Трифун. И двајцата се свети маченици за верата христијанска, кои биле мачени и убиени заради Христа и претставуваат пример за тоа како и ние денес треба да бидеме доследни на учењето Христово. Живееле во третиот век и правеле добрини и чуда, помагајќи им на луѓето, а дале сѐ од себе за да им направат добро на другите, водени само од љубов кон ближниот и кон Бога. Трифун бил убиен во 250 година, а Валентин во 273 година, на ист начин – на двајцата им била отсечена главата со меч по наредба на царот.
Ребека Спасова М-Нет