Штипјани пазаруваат за новогодишните и божиќните празници, цените покачени

Почна пазарењето за новогодишната и божиќната трпеза. Во пресрет на празниците понудата на овошјето и јаткастите производи е зголемена, но побарувачката сѐ уште мала. И продавачите и купувачите на градскиот пазар во Штип денес беа согласни дека производите се трошат, но во мала рака. Повеќето од нив сега купуваат за пречекот на Нова година, а за божиќната трпеза ќе се купува следниот петок.

Како што велат анкетираните, цените иако не се за сечиј џеб, сепак секој ќе одвои за скромно да ги одбележи новогодишните празници. Божиќната трпеза, велат, оваа година ќе биде скромна. Денешниот пазарен ден различно го оценуваат, за некого евтино, за некого скапо. Некои поголеми промени во цените за следниот петок не очекуваат, а најмалку да се намалат. Зголемување, велат, можеби, ќе има, но не големо.

Според продавачите и производителите, денес пазарот беше слаб, а во утринските часови имаше малку купувачи. Велат дека зголемувањето на цените ги засегнало и нив, со тоа што трошоците за производство се зголемуваат, а побарувачката се намалува. Оние кои се секој пазарен петок во Штип велат дека побарувачката покажува оти луѓето немаат пари за да купуваат.

Оние кои не отидоа да набават тиква, јаболка, ореви, костени и слично може тоа до го направат уште следниот петок, зашто, како што велат продавачите, на божиќниот ден пазарот ќе биде празен.

Ребека Спасова МНет