Сѐ уште има одрони на автопатот Штип – Миладиновци, се вози по една коловозна лента

Поради голем одрон и свлечиште на патниот правец А2, Свети Николе – Миладиновци, на десет километри пред Миладиновци сообраќајот е во прекин, односно се вози само во една коловозна лента во должина од 150 метри. На местото каде што има одрони е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

На останатите патни правци во државата, но и во Истокот сообраќајот се одвива по суви коловози. Меѓутоа, од страна на „Авто – Мото“ Сојузот на Македонија препорачуваат прилагодена брзина на движење и почитување на сообраќајната сигнализација.

„АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.“ – додадоа од АМСМ.

Во Источниот дел од државата работи на пат се изведуваат на експресниот пат Штип – Радовиш, како и на патниот правец Миладиновци – Штип – Свети Николе.

Итовремено, од АМСМ ги потсетуваат возачите дека од 15 ноември започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на временската состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2022 година.

Лаура Стојанова МНет