
Штипјани ќе можат да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет. Идејата е секој граѓанин од дома да има придонес во одлучувањето на Локалната самоуправа. Принципот е преку давање предлози за реализација на проекти на веб страницата која беше активна и во предизборниот период на Јорданов.
„Од денес па во наредните пет дена, односно до 5 декември 2021 година, на страната novaidninazastip.mk секој граѓанин има можност да напише свој предлог/идеја/проект кој би сакал Општина Штип да го предвиде во годишната програма и годишниот буџет на Општината за 2022 година. Предлозите може да се оценуваат и бодуваат и најинтересните и највисоко рангираните проекти се обврзуваме да ги ставиме во нашите проекции за наредната година. Тоа не значи дека другите проекти нема да бидат уважени, туку за нив исто така ќе размислуваме и доколку сме во можност, истите ќе ги планираме за наредниот период“, истакна тој.
Како што напомена Јорданов, целта е граѓаните да имаат увид во активностите, а Општината да биде транспарентна и да има континуитет во нивните ветувања како нова локална власт.
„Уште во текот на мојата изборна кампања ја направивме страницата која беше интензивно посетувана од граѓаните и кои придонесоа да се направи нашата изборна програма, а сега веќе правиме чекор напред и даваме инстиуционална рамка со што ќе овозможиме токму жителите на нашата општина да одлучуваат каде ќе се потрошат нивните пари и на кои проекти ние како Општина треба да ставиме акцент и приоритет“, додаде градоначалникот.
Локалната самоуправа очекува голем интерес од граѓаните за ова да биде само еден чекор за заедничка соработка меѓу граѓаните и Општината.
Ребека Спасова МНет