
Во НУЦК „Ацо Шопов“ Штип извршен инспекциски надзор. По неколкунеделниот молк за случајот „Култура без тортура“ одговор пристигна и од Министерката, Ирена Стефоска, која вели дека со случајот е добро запознаена. На денешната прес – конференција на новинарското прашање во одговорот напомена дека вонреден инспекциски надзор извршиле веднаш по реакциите од вработените.
„Како и многупати до сега, речено – сторено. Да, веднаш по реакциите од страна на вработени во НУЦК „Ацо Шопов“ Штип, упативме вонреден инспекциски надзор од страна на Министерството за култура. Значи, ние имаме инспекција и сме должни да постапуваме. Надзорот е завршен, извештајот се подготвува и ќе видиме што ќе каже извештајот“, рече Стефоска.
И покрај тоа што ќе покаже извештајот, таа најави дека до крајот на следната недела ќе го посети Штип и ќе се сретне со вработените кои реагираат на мобинг, како и со директорот на установата, кој, пак, велеше дека малтретирањата се од вработените кон него.
„Исто како што имам намера да одам во Охрид, исто како што појдов во Театар комедија, следната недела најдоцна ќе појдам во и Штип да се сретнам и со вработените и со директорот. Добро сум информирана и сметам дека е важно лично да се појавам и да седнеме и разговараме. Уверена сум, длабоко верувам дека со искрен разговор секој проблем може да биде надминат“, додаде Стефоска.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи продолжуваат препирките. Според тоа, несомнено е дека за несогласувањата решение сѐ уште нема. Претходно, прес – конференции имаа и дел од актерскиот ансамбл и директорот, Горан Трајков, па откако заедничко решение не најдоа, одлука бараат од Министерството за култура.
Ребека Спасова МНет