Дел од месарите и пиљарите во Штип се уште без биоразградливи кеси, граѓаните си носат торби

Од денеска за кесе се напаќа по 15 денари. Меѓутоа, цената не е проблем за продавачите како фактот дека тие се уште не се снабдени со биоразградливи кеси кои понатаму ќе ги продаваат по 15 денари. Велат како за прв ден откако оваа одлука стапи на сила се снаоѓаат некако, а помош имаат и од купувачите, бидејќи поголем дел од нив си носат торби од дома. Дел од месарите во Штип истакнаа дека биоразградливите кеси ги очекуваат да и пристигнат утре, продавачите на овошје и зеленчук пак не знаат од каде и кога ќе ги набават истите.

„Моментално кеси биоразградливи немам, не знам од кој треба да се набават, кажаа ни дека утре ќе ни стигнат, од сабајле муштериите сите си носат торбички. Денеска кеси во месарата нема“

„Пластичните кеси веќе ги тргнавме од употреба, така да муштериите мора да се навикнат со торби да доаѓаат на пазар. Обавезно ќе набавеме биоразградливи инаку не е можно да работеме, само додека се снајдеме каде ги има што како“

И министерот за правда Бојан Маричиќ на својот фејсбук профил напиша дека од денес навиките се менуваат и за пазар ќе се користат торби.

„Од денес сите ги менуваме навиките. Пластичните ќеси ги испраќаме во историјата, за да придонесеме кон почиста и позелена животна средина. Тоа си го должиме себеси и на идните генерации.“ – напиша Маричиќ.

Забраната за употреба на пластични кеси и одлуката да се користат само биоразградливи кои ќе чинат 15 денари е со цел да се заштити животната средина, а поголем дел од средства ќе одат во Фондот за заштита на животната средина.

Лаура Стојанова М-Нет