
Фудбалската федерација на Македонија ги делегираше судиите за утрешните натпревари од 32. коло во Првата македонска фудбалска лига, а најголемо внимание привлекуваат дуелите во Струга и Тетово, кои директно ќе влијаат во битката за шампионската титула.
На дербито меѓу Струга Трим Лум и Вардар главен судија ќе биде штипјанецот Стојанче Стојанов. Натпреварот во Струга може да го даде и новиот шампион, бидејќи на Вардар му е потребен најмалку бод за и математички да ја обезбеди титулата.
Во исто време, во Тетово, Шкендија ќе ја пречека АП Брера, а правдата на овој натпревар ќе ја дели Боби Величков. Тетовци остануваат во трката за титулата, но за да ги задржат шансите ќе мора да слават против Брера и да се надеваат на пораз на Вардар во Струга. Во таков случај, одлуката за шампионот би паднала во последното коло.
Во рамки на 32. рунда ќе се одигра и средбата во Кратово меѓу Силекс и Арсими.
Сите натпревари се закажани со почеток од 16 часот.