
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар се засили со штипјанецот Бобан Николов кој одново ќе го носи дресот на скопскиот тим. Поранешниот македонски репрезентативец во Вардар пристига како слободен играч откако претходно настапуваше за романскиот тим Костанца. Претходно фудбалерот од Штип за Вардар настапуваше во период од 2015 до 2018 година, период кога Вардар освои две шампионски титули и играше во групната фаза на Лига Европа.
Николов кариерата ја започна во Брегалница, а потоа градеше меѓународна кариера за екипи од Романија, Унгарија, Италија, Романија, Молдавија и Босна и Херцеговина.
Во Вардар доаѓа и Аргентинецот Хоакин Торес, офанзивец кој настапува по крилните позиции. Минатата сезона настапувал во бразилската серија Б за екипата на Амазонас, но има настап и за други екипи и носи големо искуство.
Вардар се засили и со Дарко Велковски кој е повратник во есенскиот шампион во ПМФЛ, како и крилниит напаѓач Стефан Цветковиќ.
Велковски се враќа во македонскиот фудбал по богата интернационална кариера, а на домашната сцена беше дел од Македонија ЃП, Работнички и Вардар, а пак во странство настапуваше за екипи од Босна, Романија, Хрватска.
Цветковиќ пак настапуваше за Чукарички, Графичар Белград, Црвена Звезда, Металец, Раднички Ниш и Железничар Панчево.
Работнички се засили со Јован Попзлатанов и Шарл Аколатсе во борбата за опстанок во Прва лига. Попзлатанов низ кариерата настапуваше за Тетекс, Пелистер, Македонија ЃП, Вардар, како и за летонска Рига.
Аколатсе е играч од среден ред со француско потекло, репрезентативец на Того. Низ неговата кариера беше дел од повеќе екипи од Франција, Романија и Литванија, а пак во македонскиот фудбал кратко настапуваше за Силекс.
Прволигашот Башкими се засили со Анатолиј Петејчук кој доаѓа од второлигашот Беласица од Струмица. Низ својата кариера 23-годишникот настапуваше за Вардар и Победа од Прилеп, а има настапувано за екипи од Германија како и за хрватскиот клуб Граничар.
Петејчук веќе постигна и гол за Башкими на пријателскиот мечсо Рудар Пљевља.
Пролетниот дел од Првата лига започнува на 7 февруари, а прволигашите продолжуваа со темпирање на формата и промоција на нови засилувања.
Александар Ванев, М-Нет