Штипски Мал Ајакс на тешко дерби гостување кај Балкан, Осогово гостува во Велес!

Второто коло од Првата футсал лига ќе се одигра во два дена, односно сабота и понеделник, а натпреварот меѓу шампионот Форца и Клими ќе се одигра во друг термин, бидејќи истиот е одложен поради настапот на шампионот во Лигата на шампионите.

Колото се отвара со дербито на двата лански второлигаши – Балкан ќе го пречека штипски Мал Ајакс, во дерби за први бодови и за прв триумф, бидејќи и двете екипи во првото коло забележаа пораз.

Овие две екипи минатата сезона водеа борба во Втората лига за влез во Првата лига, а сега ќе водат битка за бодови и во елитата. Домашниот терен сигурно е дека ќе биде предност за Балкан, во однос на гостинот од Штип кој го очекува тежок меч.

Останатите три натпревари ќе се одиграат во понедленик. Осогово од Крива Паланка ќе има тешко гостување кај засилениот Кеги Моби, меч кој се игра во Велес, а каде домаќинот ќе ја има улогата на фаворит за трите бодови.

Големо соочување ќе има и на натпреварот меѓу Јувентус Серава и Проект, а ова ќе биде прв меч за гостинот бидејќи во првото коло одмараше по одложениот меч со шампионот Форца.

Јувенту Серава тргна со триумф во Штип, па ќе сака и сега три бода против засилениот Проект кој најавува високи амбиции сезонава.

Екипите на Бутел и Шкупи со сигурни и високи победи ја отворија сезоната, а сега во меѓусебна пресметка ќе бараат бодови. Ова ќе биде скопско дерби за втора сезонска радост.

Александар Ванев, М-Нет