
Брегалница и Детонит Плачковица на дерби под рефлектори во Штип, соседско соочување во рамки на 10. коло на Втората лига.
Двете екипи се подготвени за меѓусебна битка за нови бодови. Брегалница е непоразен тим, а во победничка форма ќе го пречека гостинот од Радовиш кој според формата посакува и ќе ги бара бодовите.
Двете екипи изминатите денови се подготвуваа за нивниот утрешен дуел кој се игра во вечерен термин.
Ова ќе биде дуел на два штипски тренери, Влатко Костов и Горан Здравков, кои за М Нет телевизија го најавија мечот во Штип.
„Нормално секој натпревар си има своја тежина, наредниот натпревар исто има своја тежина, ние како клуб мораме за секој натпревар да се подготвуваме максимално нема ништо посебно за овој натпревар. Овој натпревар е како сите вообичаено бидејќи Брегалница мора на секој натпревар да пријде максимално сериозно и озбилно. Така приоѓаме и на овој натпревар, се припремаме максимално, така ќе биде и во вторник против другиот противник како што рековме, меѓутоа ние како клуб мора да одиме на секој натпревар тоа го кажав уште на моето назначување дека Брегалница на секој натпревар ќе оди на победа. Така беше и за Купот несреќно изгубивме на пенали. Нормална работа некој пат ќе има и мал пад во игра, некој пат ќе биде подобро, меѓутоа треба Брегалница да извлече бодови од секој натпревар за да може да остане на местото на кое е сега, а тоа е делба на првото место заедно со Шкендија Арачиново. Се надевам дека до крај ќе одиграме во ваков ритам и дека ќе останеме на тоа место на табелата“, изјави Костов.
„Па добро сигурно мотив плус за играчите ќе биде ноќниот термин зборувам генерално и за двете екипи. Ние се подготвувавме за овој натпревар како и за сите натпревари досега, можам да кажам дека екипата е добро подготвена, едноставно и формата во последните четири – пет кола ни дозволува да бараме позитивен резултат и на овој натпревар. Мислам дека ако го дадеме тоа што се договоривме во изминатата недела мислам дека ќе постигнеме позитивен резултат“, вели Здравков.
Натпреварот ќе се одигра во вечерен термин, ќе биде мотив повеќе за што поголема борба на теренот за освојување на трите бодови.
„Овие денови гледам и времето ќе биде и убаво, така како што предвидуваат временската прогноза, убаво е што ќе играме од 17 часот, затоа што сепак луѓето кои имаат некои обврски саботни ќе можат да си ги завршат некаде до попладнето, да може да се надеваме на малку поголем број на публика. Нормално самиот амбиент влечи малку поголема пожртвувана игра, поборбена игра меѓутоа мислам дека се ќе протече онака како што треба фудбалски да можат двете екипи да се надигруваат и нормално да победи подобриот“, дополнува Костов.
Скриени адути немаат ниту едните ниту другите, но победата ја посакуваат и Костов и Здравков.
„Скриен адут мислам дека нема што да криеме. Ние победата ја посакуваме значи одеме по позитивен резултат на утрешниот натпревар. За Брегалница можам да кажам дека е доста квалитетен тим, не случајно е на првото место на табелата, нема пораз, составена од доста искусни играчи. Едноставно за нас најважно е да го одработиме натпреварот како што треба, а што ќе се случи ќе видеме директно на натпреварот“, дополнува тренерот на Детонит Плачковица, Горан Здравков.
„Мислам дека ниту јас ниту Горан немаме некои скриени адути едноставно тоа што припремаме за цело првенство мислам дека и тој и јас ќе го пружиме максимум. Ќе дадеме се од себе да останеме и понатаму на врвот од табелата, ќе биде тешко како на секој натпревар, нормално како тренер на мојот клуб се надевам на победа и на нови три бодови да можеме до крај барем на полусезона да останеме на прво место“, рече тренерот на Брегалница, Влатко Костов.
„Јас реков се освен пораз, значи одиме по бодови би бил задоволен и со реми, но сепак ќе атакуваме на победа“, завршува Здравков.
Дербито меѓу Брегалница и Детонит Плачковица кое се игра утре од 17 часот на Градскиот стадион во Штип, ќе можете да го следите во живо на М Нет телевизија преку директен пренос.
Александар Ванев, М-Нет