Не беа доволни 12-те гола на Марија Анчева: Астибо загуби на гостувањето кај Вардар

Астибо убедливо загуби на гостувањето кај Вардар со резултат од 38:26 со што бодовите останаа во Скопје, а не помогнаа ниту 12-те гола на Марија Анчева.

Во воведниот меч за отварање на 7. коло на ракометната Суперлига во женска конкуренција, екипата на Вардар одлично го отвори мечот и по 16 минути игра домаќинот имаше десет гола предност при 12:2, а потоа до крајот на мечот Вардар само ја одржуваше стекнатата предност и на рутина го доби мечот со конечни 38:26.

Леона Миленкоска беше прво име кај Вардар со шест погодоци, а ја следеше Ивона Кимовска со пет реализации, кај Астибо стандардно се истакна искусната голгетерка Марија Анчева, која реализираше 12 погодоци.

Во следното коло Астибо ќе има идеална шанса за триумф на гостувањето кај Спартак, додека пак Вардар го очекува тежок меч на домашен терен со фаворитот Металург Автокоманда.

Во однос на седмото коло останува да се одиграат уште три натпревари. Дербито го играат Металург Автокоманда со Чаир, Куманово на домашен терен ќе го пречека Пелистер, додека пак Спартак како аутсајдер ќе го пречека шампионот Ѓорче Петров, во меч каде „лавиците“ ќе бидат апсолутни фаворити.

Александар Ванев, М-Нет