Штипски аџилак на изгрејсонцето на врвот „Солунска глава“

Во период на светска пандемија кога едноставно човек по долгиот „зимски сон“, затворен во летни карантински услови, наеднаш осеќа потреба едноставно да се „издува“ и да се соживее со чистата, бистра, бујна со вегетација и секогаш милна природа. Годинава како никогаш досега Македонија не била толку посакувана, разгледена, разубавена како рајска градина која ги истурила сите свои благодети на нејзината убавина, бистрите и чисти потоци и реки, некогашните селски општини кои сега зјаат празни со сета нивна архитектура правена од кал, но злато вредна, езерата, планините, висоите, врвовите и атрактивните угостителски обкекти кои нудат од рибни до богати кулинарски традиционални македонски спацијалитети. Во потрагата по неверојатното, бесмисленото и невозможното во Македонија се вклучија и многу наши штипјани кои едноставно го преплавија географскиот атлас зачинет со уникатната флора и фауна распослана по македонските врвулици. Нашата приказна ја споделуваме со штипска мала, но одбрана истражувачка петочлена група која едноставно посакуваше да ја доживее страста на македонскиот амблем, барјак на слободата и симбол на државноста – Сонцето. Несекојдневно, неизвесно и преполно со тешкотии патешествие наречено „ Изгреј Сонце на врвот Солунска глава“. Од едноставната желба и од чаршиски муабет се тргна од Штип во реализација на овој несекојдневен авантуристички проект. Три часа возење беа доволни да се пристигне и запознае со планинарскиот дом „Чеплес“ во чии прегратки со годините наназад влетувале илјадници добронамерници на природата, планината и на чистиот воздух. По кусиот одмор таму некаде во „глувото доба“ на ноќта поточно во 03 часот се тргнува кон целта, а тоа е врвот Солунска глава. Врвот за кој постои вистинска легенда дека на видикот се гледа солунското поле е висок 2540 м. Искачувањето по стрмните патеки оди тешко, се движи по „тактот“ на светлечките лампи кои постојано потскокнуваат поради висинската разлика. Цели три часа траеше патешествието на нашите штипјани за да таму некаде пред 6 часот изутрина Сонцето срамежливо се појавува нудејќи нескојдневна глетка исцртана со избраздена земјина кора – врвовите комшиски на Солунска глава. За миг студенилото на телата насобрано од ноќната итаница ги облива светлината која го започнува радосниот ден милувајќи ги најпрвин планинските врвовите потоа спуштајќи се по бујните вегетативни појаси за да на крај ја згреат и душата и телото на несекојдневните посматрачи. Целта на авантурата е остварена, изгрејсонцето е „уловено“ и „впиено“ од љубопитните погледи кои остануваат засекогаш врежани во човечката меморија. Времето е доволно да се меморира несекојдневниот настан и со веќе раширената насмевка на Сонцето надоаѓа некоја нова колона на планинарски вљубеници кои бараат место за под врвот да се насладат од пријатната глетка. Солунска глава останува зад нашите штипјани кои богати со едно ново искуство ги црпат последните атоми енергија за да по три часовна одисеја се вратат кон основниот камп – планинарскиот дом Чеплес.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk