
Пролетниот дел од Првата футсал лига ќе понуди голема борба за опстанок каде неколку екипи се загрозени и ќе атакуваат на победи и освојување на бодови со цел да го изборат опстанок. Нема да биде лесно, а ако се погледне табелата и од тоа што досега го одиграа екипи во есенскиот дел сигурно е дека ги очекува „жешка“ пролет.
Шкупи е на дното од табелата со четири бодови и пред скопскиот тим ќе биде многу тешка борба за опстанок, Мал Ајакс пак презимува на претпоследното место со два бодови повеќе односно шест. Со по девет бодови Осогово од Крива Паланка и дебитантот Балкан го делат седмото место на табелата.
Веќе останатите екипи имаат полесна задача како Јувенту Серава и Клими кои го делат петтото место со по 12 бодови и Бутел кој е четврти со 13 бодови.
Последните две екипи испаѓаат директно во Втората футсал лига, па тоа што значи дека во битката за опстанок најмногу се загрозени Шкупи и Мал Ајакс, како и Осогово и Балкан. Во пролетниот дел ќе бидат одиграни девет кола, а во игра се 27 бодови. Мал Ајакс е повратник во елитата, а пак Балкан е дебитант, Осогово кој лани се бореше за титула, а играше и историско финале од Купот на Македонија зад себе има многу лоша есенска полусезона и сезоната се сведува на опстанок во Првата футсал лига.
Ако за опстанокот биде неизвесно и тешко, во трката за титулата сите работи зависат од есенскиот шампион Проект. Непоразениот лидер кој има девет од девет и максимални 27 бодови е надобар пат да ја врати шампионската титула во своите редови.
Актуелниот шампион Форца е втор, а се раздели со неколку од поискусните играчи и ќе биде во значително изменет лик, со што тимот од Куманово ќе го очекува многу тешка борба за одбрана на титулата, во случајот сите работи зависат од Проект.
Трет е Кеги Моби со 21 бод, колку што има и Форца која е втора, а тоа значи дека непоразениот лидер Проект има шест бодови предност преку двата конкуренти во трката за титулата во Првата футсал лига.
Шампионот на Македонија обезбедува и излез во Европа односно игра во квалификациите за Лигата на шампионите.
Александар Ванев, М-Нет